Имало надворешно мешање во Каталонија, тврди шефот на шпанската дипломатија

Шефот на шпанската дипломатија, Алфонсо Дастис изјави дека ќе ги запознае колегите од ЕУ со наводното „кибернетичко мешање“ од Русија и други делови од светот.

Дастис рече дека податоците покажуваат дека имало „интернет сообраќај“ на медиумските мрежи во Русија и други земји после забранетиот референдум за независноста на Каталонија.

Говорејќи за неодамнешниот состанок во Лондон на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж и еден висок претставник за независноста на Каталонија, Дастис рече дека постојат назнаки дека Асанж и други во текот на кризата во Каталонија се обиделе да се вмешаат и да манипулираат.

Шпанските претставници минатата недела соопштија дека назнаките не значат дека била вмешана власта на Русија.

Владата во Мадрид засега нема објавено докази за да ги поткрепат тврдењата за мешање во каталонската криза.