Хан: Не е важно дали сите ќе учествуваат, туку изборите да бидат демократски

„Она што е значајно за нас е изборите во Македонија да се фер и демократски. Работиме со ОБСЕ и таа ќе испрати повеќе луѓе од вообичаено да набљудуваат, како во подготвителната фаза, така и на самото гласање на изборниот ден“, вели еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, во интервју за бугарскиот неделник „Капитал“, објавено на 22 јануари годинава.

– Договорот меѓу опозицијата и Груевски за решавање на политичката криза во Македонија има многу елементи и изборите во април се само еден од нив. Дел од тие елементи се исполнети, макар и по крајниот рок што беше предвиден. Се разбира, во таква чувствителна ситуација е убаво да има национален консензус. Но, треба да прифатиме дека тоа може и да е недостижно. Во Турција, на пример, на последните избори имаше 30 набљудувачи, а сега, во Македонија, многукратно помала држава, ќе има 24. ОБСЕ е подготвена да ѝ помага на македонската ДИК, ако таа побара помош. Пак ќе речам, за нас одлучувачко е изборите да се спроведат на фер, транспарентен и демократски начин. Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред – вели Хан во интервјуто.

На прашањето до кој степен ЕУ е подготвена да ја притиска Македонија, која со години под управата на Груевски оди во лоша насока, Хан вели дека ја оценуваат подготовката и реализацијата на изборите.

– Ова го прават експерти од меѓународни организации. Ние сметаме на нивните извештаи. Второ, ако една држава има статус на кандидат за членство десет години по ред, и уште шест години Европската комисија препорачува да се почнат преговори, но тоа не се случува, зашто нема едногласност, секако, не е лесно. Сепак, мислам дека успеваме процесот да го вратиме на патеката, но неопходно е и ЕУ да направи нешто, инаку сѐ е бесмислено. Ако Македонија докаже дека е ориентирана кон ЕУ и кон НАТО, тоа треба да биде наградено и навистина ќе добие покана за почнување преговори. Ако тоа не се случи, ќе имаме поинаков развој, а тоа не е во интерес на мнозинството граѓани – вели Хан.