Грчката ракометна федерација реагира за именувањето на Македонија во Катар

Реакциите за користењето на уставното име на Македонија на меѓународни спортски настани не изостанаа ни за Светското првенство во ракомет во Катар. Грчката ракометна федерација испрати писмо до Меѓународната ракометна федерација, во кое реагира за погрешно именување на Македонија на 24. Светско првенство за мажи во ракомет во Катар и бара да се коригира ваквото однесување на останатиот дел од настаните на првенството.

„По повод неправилното користење на името на БЈРМ во одредени случаи на Светското првенство во ракомет кое се одржува во Катар, во кое учествува и соседната држава, грчката федерација испрати реакција до Меѓународната ракометна федерација со кое бара да се интервенира кај локалниот организациски комитет за насекаде каде се појавува или соопштува името на БЈРМ, тоа да се врши со користење на нејзиното официјално меѓународно име“, се вели во соопштението од Грчката ракометна федерација.