ЕЛЕМ објави тендер за купување на механизација за РЕК Битола

ЕЛЕМ денеска објави тендер за купување на помошна механизација за РЕК Битола, бидејќи ангажирањето механизација при ископот е еден од главните трошоци на компанијата, информираат од таму.

– За таа услуга ЕЛЕМ постојано им плаќа на надворешни фирми, бидејќи сопствена механизација нема. Планираме за 41 милион евра да ја купиме целата потребна механизација и да копаат нашите работници. Со тоа ќе се изврши заштеда, а таа заштеда ќе се одрази на производствената цена на електричната енергија – изјави директорот Драган Миновски.

За ископ на јаглен, преку ангажирање на надворешни фирми ЕЛЕМ последните пет години платиле 212 милиони евра.

Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, машините треба да бидат испорачани до крајот на годината. Со тоа, во 2019 година помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола нема повеќе да се користи.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на пресот на Миновски и во соопштението велат дека „управувањето на ЕЛЕМ од страна на СДСМ го чинело претпријатието осум месеци без сопствена опрема.“

„Откако СДСМ ја поништи набавката отпочнато во време на ВМРО-ДПМНЕ, набавка која во целост ги задоволуваше потребите на РЕК  Битола, сега распиша парцијален оглас за опрема, која не може во целост да ги покрие потребите на претпријатието“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.