Најмалку 24 лица, од кои повеќето тинејџери, загинаа утринава во пожар што изби во спалните соби на исламско училиште во предградие на малезискиот главен град Куала Лумпур, соопштија властите.
– Пожарникарите бргу стигнале на местото по повикот за помош во 5.41 часот по локално време и им бил потребен еден час да го изгаснат пожарот, кој почнал да се шири и на другиот кат од двокатницата – рече шефот на полиција, Амар Синг.
Тој соопшти дека се пронајдени најмалку 24 изгорени тела, од кои 22 се деца на возраст од 13 до 17 години, и двајца наставници.
Синг соопшти дека 14 ученици и четири наставници се спасени и дека шест од нив се хоспитализирани во критична состојба.
Полицијата поведе истрага која треба да ја утврди причината за несреќата.