Дутерте: Не одам во САД, тие се нула

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте одговори на поканата на Белата куќа и на неговиот американски колега, Доналд Трамп, да ги посети САД.

Дутерте најави дека никогаш нема да ја посети таа земја, која ја смета за нула.

– Нема да одам во САД за време на својот мандат, па дури и потоа. Ја имам видено Америка и таа е нула. Тие многу ги кршат човековите права – рече Дутерте, кој и самиот е мета на критики поради војната против шверцерите на дрога, која ја почна со доаѓањето на власт.

Односите меѓу САД и Филипини се влошија по доаѓањето на власт на Дутерте, кој се изјаснува како социјалист и се залага за врски со Кина и со Русија.

Трамп во април го повика филипинскиот претседател да го посети Вашингтон. Дутерте тогаш соопшти дека е презафатен за да го посети Трамп.

Филипини, како поранешна американска колонија (1898-1946), има силни културни и економски врски со САД.