!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Димитров и Коѕиас во Њујорк разговарале за мерките за доверба и за името


       
Њујорк, 21 септември, 2017 - 14:40 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров синоќа во Њујорк имал работа вечера со својот грчки колега, Никос Коѕиас, на која, како што соопшти МНР, било разговарано за мерките за градење доверба меѓу двете земји и за процесот за надминување на разликите околу името.

Во соопштението на МНР не се наведуваат повеќе детали од средбата, која била последна од вчерашната „богата“ агенда на Димитров во рамките на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.

Повеќе информации за средбата нема ниту од грчкото МНР, кое објави „твит“ од вечерата меѓу Димитров и Коѕиас, на својот официјален твитер-профил.

Грчкиот шеф на дипломатијата во понеделникот, оваа недела, во Њујорк имаше средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на која, како што соопшти грчкото МНР, Коѕиас рекол дека „постои отворен прозорец за можности“ да се разговара за прашањето за името по завршувањето на локалните избори во Македонија и доколку „соседната земја го напушти иредентизмот“.