Џафери – Коѕиас: Сега е моментот да се постигне компромис за отворените прашања

Сега е моментот да се постигне компромис за отворените прашања, што ќе овозможи соработка меѓу Македонија и Грција на сите полиња, вклучително и интензивирање на средбите на парламентарно ниво. Ова било истакнато на денешната средба меѓу претседателот на Собранието, Талат Џафери, и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.

Џафери, како што соопштија од Собранието, на средбата посочил дека и покрај бројните предизвици, Грција во исклучително критични моменти ја поддржала европската интеграција на Македонија со ратификацијата на спогодбата за стабилизација и асоцијација, со доделувањето на кандидатскиот статус за членство во Европската Унија и со безвизниот режим за патување на македонските граѓани во земјите од ЕУ.

Коѕиас истакнал дека Грција „како прв сосед ја сака стабилноста на Македонија и ја поддржува евроатлантската интергација на земјата“. Тој додал дека Грција стои на располагање со сопствени искуства и со експерти да ѝ помогне на земјава во реформската агенда.

Шефот на грчката дипломатија денеска се сретна и со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Во фокусот на средбата, како што соопштија од партијата, биле односите меѓу двете земји, актуелната политичка состојба и состојбата со мигрантите.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека партијата се залага за развивање на добрососедска политика, базирана на принципиелна основа и на меѓусебно почитување, а Груевски истакнал дека мерките за соработка и за градење доверба меѓу двете држави „кои ги воведе и почна владата на ВМРО-ДПМНЕ“, придонесоа за релаксирање на заедничките односи и дека треба да бидат продолжени од актуелната влада.