Блокадите продолжуваат, превозниците го намалуваат бројот на камиони

Граничниот премин Евзони е затворен веќе две недели, а македонските превозници најмногу трпат од блокадата на грчките земјоделци кои протестираат против владините мерки на Грција.

Камионите кои превезуваат нафта и нафтени деривати се пренасочуваат преку Ново Село, но и преку Меџитлија, граничен премин преку кој од денеска може да поминуваат камиони кои пренесуваат само нафта, но не и друг вид на акцизна стока. Камионите кои превезуваат акцизна стока не можат да поминат преку граничниот премин Дојран, бидејќи нема одобрение од грчка страна.

– Компанијата „Окта“ превезува преку Ново Село, Бугарија. Но оттаму трошоците на превозниците се зголемуваат за 20-30 проценти, така што тие веќе го редуцираат бројот на камиони. Има патарини, километражата е поголема, па оттука и цената на превозот се зголемува –  вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Таа вели дека превозниците засега не најавуваат одредени протести, бидејќи користат алтернативни патишта за превоз, а поскапувањето на нафтата ќе зависи од одлуката на Регулаторна комисија за енергетика.