Берлин: Го задржуваме правото да забраниме влез на турски политичари

Шефот на кабинетот на германската канцеларка, Петер Алтмајер, изјави дека забраната за турски политичари да одат во Германија за да водат кампања за референдум, била „последно средство“ и оти тоа е мерка за која владата задржува право да ја примени.

Во изјава за медиумската куќа „Функе“, Алтмајер рече дека Германија „во иднина нема да дава слободно минување“ и оти внимателно ќе гледаат што е оправдано, а што не.

Властите во неколку германски градови минатата недела од безбедносни причини откажаа три собири за поддршка на референдумот во Турција, со кој на претседателот му се даваат поголеми овластувања. На собирите требаше да се обратат тројца министри. Тоа предизвика остра реакција во Анкара.

Федералната влада во Германија соопшти дека нема да наметне генерална забрана за членови на турската влада да учествуваат на политички собири во Германија.