Автомобил се удрил во автобус со Македонци во Австрија

Еден загинат е епилогот на сообраќајната несреќа што се случила вчера, во 21.50 часот, кај Шлирбах во Австрија, кога автомобил удрил во автобус со кој Македонци патувале од Германија кон Македонија, јави австриската државна телевизија ОРФ.

Засега не се познати причините зошто автомобилот, со кој управувал 27-годишен Австриец, преминал на левата лента и удрил во автобусот. Во судирот животот го загубил 25-годишник од Гафленц, Австрија, кој бил сопатник во автомобилот, а возачот е пренесен во болница со тешки повреди.

Во автобусот имало 28 патници од Македонија, и сите, вклучително и возачот на автобусот, се неповредени.

Испратен е нов автобус од Македонија кој треба да ги преземе патниците и да ги донесе во земјава.