Аманатидис: Добри врски не се градат со иредентизам и со фалсификување на грчката историја

Во Македонија сè уште не се созреани условите за да се прифати суштински компромис со Грција околу спорот за името, смета грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Јанис Аманатидис.

Одговарајќи на пратенички прашања од Златна зора и од Унијата на центристи околу наводните информации во грчките медиуми дека Грција почнала да ги признава македонските пасоши, Аманатидис објaсни дека грчката влада не направила никаква промена во практиката со македонските пасоши и апелираше да се стави краj на политиката на иредентизам за да се подобрат билатералните врски меѓу двете страни.

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи посочи дека напредуваат разговорите за мерките за градење доверба, со кои двете страни работат на подобрување на меѓусебната комуникација и на соработката. Сепак, беше дециден дека мерките не се поврзани со преговорите за името ниту, пак, влијаат на менување на грчката политика на непризнавање на македонските пасоши.

„Како што е познато, мерките за градење доверба не се поврзани со спорот за името. Мерките се производ на нашата иницијатива да се зацврстат општествените и екононските врски меѓу Грција и ФИРОМ. Помагаат за да се воспостави доверба. Во однос на спорот за името, потребно е да созреат условите кај соседната држава за да прифати суштински компромис. Засега, владата во ФИРОМ продолжува да ја следи нејзината позната политика на одолговлекување“, посочи Аманатидис.

Политичките разлики меѓу двете страни, според Аманатидис, може да се надминат само ако македонската страна ја напушти политиката на иредентизам и се посвети на подобрување на заедничките врски.

„Меѓутоа, вакви врски не може да се изградат додека се одржува иредентизам и флагрантно фалсификување и присвојување на грчката историја и културно наследство“, изјави грчкиот заменик министер за надворешни работи.

Аманатидис ги отфрли сите шпекулации дека се менува грчката практика за македонските пасоши и децидно истакна дека Грција и понатаму продолжува да не ги признава пасошите на македонските државјани.