Албанската опозиција реши да ги бојкотира парламентарните избори во јуни

Демократската партија на Албанија, предводено од Љуљзим Баша, заедно со претставници на другите опозициски партии, донесоа конечна одлука опозицијата да не учествува на парламентарните избори закажани за 18 јуни.

„На овој начин потврдуваме дека нема да учествуваме на изборите без реализирање на нашите барања за техничка влада, која ќе спроведе слободни и фер избори“, стои во соопштението од средбата, пренесено од весникот на македонски јазик „Илинден“.

Во соопштението, исто така, се наведува дека шаторите што се поставени пред владата во Тирана по протестниот митинг на 18 февруари и каде секојдневно има по најмалку 1.000 демонстранти, ќе останат таму и понатаму.

На состанокот е решено и опозицијата да организира „масовен сенационален протест“ во Каваја, за да се блокираат делумните локални избори во овој град, кои опозицијата ги бојкотира.

Протестот ќе биде одржан на 7 мај, кога во овој град се одржуваат делумни локални избори, откако градоначалникот на Каваја беше обвинет за криминал.

По протестот во Тирана од 18 февруари, опозицијата најавува дека тој во Каваја ќе биде уште помасовен.

Опозицијата ја бојкотира и работата на парламентот, со што е блокирано донесувањето на важните закони од сферата на правосудството, чие усвојување е услов за почнување на преговорите за членство во ЕУ.