122 граѓански организации побараа поддршка од граѓаните, институциите и од Владата

„Нападот врз граѓанските организации не е само пропагандна вест за која се слуша по медиуми. Тоа е напад на граѓанското општество, на честа, на достоинството и на угледот на граѓани кои тука се родени, живеат, работат, плаќаат даноци, а своите работа и ангажман, професионално или волонтерски, ги посветиле на подобрување на животите на сите граѓани во државава еднакво“, порача Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права.

На денешната прес-конференција, 122 граѓански организации под мотото „Мора да го заштитиме граѓанското општество во Македонија“ побараа поддршка од граѓаните, од институциите и од сегашната и од идната влада поради нападите врз граѓанското општество во последниот период.

– Ве повикуваме да ги поддржите организациите, групите, заедниците и индивидуите кои активно се залагаат за демократските вредности во Република Македонија, да застанете во заштита и во одбрана на граѓанскиот секотр, кој 25 години дејствува како контролор и поддржувач на работата на институциите и да го одбраните граѓанското општество кое се залага за почитување на граѓанските права и слободи – се вели во денешниот апел.

Најновиот бран напади стасаа од тројца поединци кои настапуваат како „Стоп Операција Сорос“, а истовремено, секојдневно по 9 часот, ВМРО-ДПМНЕ испраќа соопштенија со ист тон, во кои се обвинуваат невладините дека се дел од заговор за уништување на земјата.

Презентирајќи дел од соопштението потпишано од 122 организации од целата земја, кои работат во различни сфери, Пировска порача дека нападот врз граѓанското општество е напад врз најмоќната алатка на граѓаните со која тие може да ја контролираат и да ја коригираат власта.

Граѓанскиот сектор не е контролиран од никаков центар за моќ, туку само од граѓаните, рече Аријанит Џафери од „Еко-герила“.

– Ги отфрламе и ги сметаме за неточни и за тенденциозни обвинувањата за организациите од поширокиот граѓански сектор во Македонија, со кои тие се етикетираат како „деструктивни инсталации, платеници и банди“. Не постои „центар на моќ“ кај граѓанските организации, зашто во концептот и во идејата на граѓанското општество, единствената моќ ја имаат граѓаните – рече Џафери.

Интензивните инспекции и истраги на финансиското работење на граѓанските организации, како што нагласи Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата „Отворено општество“ ‒ Македонија (ФООМ), создаваат впечаток дека станува збор за намерно вршење притисок и предизвикување страв.

– Граѓанските организации редовно ги исполнуваат своите обврски кон државата и се залагаат за добро и транспарентно управување во сите сфери на општеството. Оттука, оркестрираните државни контроли на финансиското работење на десетици организации во ист временски период, оставаат впечаток на тенденциозно и намерно вршење притисок, предизвикување страв и нанесување штета врз слободниот граѓански сектор – нагласи Каранфилова-Пановска.

Таа, во име на граѓанските организации, ги повика претставниците на политичките партии, сегашната и идната влада, претставниците на институциите и граѓаните да ги поддржат нападнатите групи, порачувајќи дека таквата поддршка на граѓанскиот сектор значи и поддршка на граѓаните, кои се носители на суверенитетот на Република Македонија.

Прашана дали има сознанија дали и Јавното обвинителство на Република Македонија е вклучено во истраги на работењето на граѓански организации, Каранфилова-Пановска, рече дека такви сознанија засега нема, но не ја одрече таа можност и посочи дека и досегашните контроли, меѓу другото, и од страна на Управата за финансиско разузнавање, и тоа за работи што не влегуваат во нормалните проверки, е доволен доказ дека станува збор за притисок.

– Интензивните инспекции кај голем број граѓански организации се форма на притисок, особено што сега, наместо за минатата година, се проверува документацијата за пет години наназад, односно за финансиското работење од 2012 до 2016 година – рече Каранфилова-Пановска.

Уранија Пировска извести дека е поднесена кривична пријава против УЈП заради јавно објавените податоци од страна на „Стоп Операција Сорос“ и во други случаи.

– Станува збор за злоупотреба на лични податоци – рече Пировска, одговарајќи на новинарско прашање.