Жештините не попуштаат, денеска и утре температури до 43 степени

Продолжува периодот на сончево и многу топло време со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30°C, а некаде ќе надминува 40°C, поради што до крајот на работнава седмица ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи температури

Фото: Image by Gerd Altmann from Pixabay

Жештините нема да попуштат ниту неделава. Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека високите температури ќе се задржат и во следните денови.

Од четврток, пак, повторно почнуваат попладневните поројни дождови со грмежи и ветер, но температурите нема да се намалуваат. Портокаловота фаза ќе трае и неделава, а ќе важат и сите препораки за заштита на граѓаните. Од УХМР предупредуваат и дека вредностите на УВ зрачењето во следните денови ќе бидат многу високи.

„Продолжува периодот на сончево и многу топло време со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C, поради што до крајот на работнава седмица ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи температури. Промена на временската состојба ќе има во петок кога во попладневните часови ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер“, информираат од УХМР.

Денеска максималните температури ќе достигнат и до 43 Целзиусови степени во јужните делови од земјата, а во Скопје до 41 степен. И утре и во среда времето ќе биде сончево и многу топло, а температурите до 43 степени. Во четврток температурите минимално ќе се намалат до 42 степени, а временската нестабилност ќе почне на планинските подрачја каде ќе врне пороен дожд со грмежи. Во петок ќе биде сончево и многу топло со температури до 40 степени, а попладне ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер.