Веќе трета година по ред нема промени во возниот ред на патничките возови во земјава. Железници на РСМ-Транспорт и во 2022 година ќе вози со идентичниот возен ред од годинава, така што нема да има возови кон Белград и Солун. Новиот возен ред којшто стапува на сила на 12 декември 2021 година веќе е објавен и предвидува сообраќање на 15 пара возови дневно од скопската железничка станица, а е со важност до 10 декември 2022 година.
Единствен воз во меѓународниот патнички превоз е брзиот за Приштина, којшто по возен ред треба да поаѓа од Скопје во 16:10 часот, додека од косовскиот главен град во 7:10 часот. Сепак, возот изминатава година воопшто не сообраќаше, како поради состојбата со ковид-19 пандемијата, така и поради реконструкцијата на пругата во Косово и недостатокот на возен парк на Железници на РСМ-Транспорт.
Во внатрешниот сообраќај, меѓу Скопје и Битола ќе сообраќаат по три пара возови дневно, со поаѓања од Скопје во 6:53, 14:30 и 20:05 часот и поаѓања од Битола во 3:15, 12:50 и 18:26 часот.
На релацијата Скопје-Гевгелија-Скопје, од главниот град ќе има поаѓања во 6:23 и 16:55 часот, додека од Гевгелија за Скопје возовите ќе тргнуваат во 4:40 и 16:55 часот.
Кон Кичево и Кочани од Скопје, и во 2022 година ќе сообраќа по еден пар возови дневно, кои од главниот град кон Кичево ќе поаѓаат во 16:45 часот, додека од Скопје за Кочани поаѓањата се во 15:23 часот. Во спротивен правец, возовите од Кичево тргнуваат во 5:30 часот, додека од Кочани во 5:26 часот. Идентично како и кон Приштина, од мај годинава патнички возови за Кичево и Кочани воопшто не сообраќаат поради недостиг на возен парк.
Меѓу Скопје и Табановце догодина ќе има четири пара возови дневно, додека на релација Скопје-Велес-Скопје ќе сообраќаат девет пара возови дневно.
Инаку, со предложениот државен буџет за 2022 година, којшто во моментов се наоѓа на комисиска расправа во Собранието на РСМ, за Железници на РСМ-Транспорт се наменети 390 милиони денари (околу 6,3 милиони евра) како државни субвенции за надоместување на услугите од јавниот интерес во железничкиот превоз на патници.
Мета.мк веќе пишуваше дека студентите бараат повторно да се воведат бесплатните билети за патување со воз. Претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Ева Цветковска ни изјави дека од Министерството за транспорт и врски им било ветено дека ќе ги земат во предвид нивните барања со новиот буџет за 2022 година.
Пред ковид-19 пандемијата, сите млади лица до 27 години имаа право на користење на бесплатни железнички билети за патување со патничките возови на било која дестинација, и тоа секој прв и трет викенд во месецот. Дополнително, студентите имаа право на бесплатно патување со воз секој четврток, додека учениците од средните училишта во земјава можеа бесплатно да патуваат со воз секоја среда.