Зголеменa политичка пристрасност и регулаторни предизвици при известување за изборите

Според прелиминарниот извештај, онлајн медиумите често не ги исполнуваат професионалните стандарди на новинарство, а желбата за брзо доставување вести често резултира со известување со слаб квалитет, при што медиумската пристрасност и недостатокот на објективност стануваат се почести проблеми

Фото: Rasheedhrasheed, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Седумдесет проценти од граѓаните се информираат преку интернет портали, а квалитетот на објавените содржини кога станува збор за изборите често е прилично слаб, укажува Прелиминарниот извештај од мониторингот на онлјан порталите во Северна Македонија за време на парламентарните избори кој го изработи „Фондацијата Метаморфозис“.

Според прелиминарниот извештај, онлајн медиумите често не ги исполнуваат професионалните стандарди на новинарство, а желбата за брзо доставување вести резултира со известување од слаб квалитет, при што медиумската пристрасност и недостатокот на објективност стануваат сè почести проблеми.

Дополнително влијаат и политичките и деловните интереси врз медиумските содржини.

„Медиумите исто така се во голема мера контролирани од надворешни фактори поради нестабилната економска ситуација и блиските врски меѓу политичарите и деловните лидери“, се укажува во истражувањето. Често се среќава недостаток на економска транспарентност и медиумска објективност.

ДИК годинава пресмета рекордна сума пари наменета за платено политичко рекламирање, а пресметките покажаа дека за двојните избори од буџетот за медиумите ќе се издвојат 10,6 милиони евра. До денес, голем број на онлајн портали немаат доставено финансиски извештаи.

Радиодифузните медиуми во Северна Македонија се регулирани со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за медиуми и Законот за електронски комуникации. Сепак, овие закони не се однесуваат на онлајн медиумите, оставајќи регулаторна празнина додека дигиталните платформи стануваат повлијателни.