Фактот дека Стратегијата за енергетика има поставено рокови за затворање на термоелектраните на јаглен ТЕЦ Осломеј до 2019 и ТЕЦ Битола до 2025, како и јасни цели за зголемување на уделот на енергијата од обновливи извори, е еден од најважните делови на овој документ за невладиниот сектор. Започнувањето на административните процедури за изградба на 120 мегаватни соларни термоелектрани во Осломеј е одличен почеток на енергетската транзиција. Сепак, граѓанските организации предупредуваат дека властите мора да ги почитуваат поставените рокови, а Владата мора веднаш да започне со планирање на процесот на праведна транзиција на регионите каде се наоѓаат термоелектраните на лигнит и рудниците на лигнит во земјава. Ова значи планирање на алтернативен економски развој за овие региони за да се избегне социјална криза доколку поголем број лица останат без работа, но и да се обезбеди понатамошен економски развој кој ќе значи сигурност за идните генерации.

Мора да напоменеме дека ова се процеси кои мора да започнат во Кичево и Битола и кои мора да ги вклучат и сослушаат сите засегнати страни, особено на локално ниво. Истовремено ќе мора интензивно да се работи и на овозможување на енергетски ефикасни бизниси и домови како би ја спречиле загубата на електрична енергија“, вели Елена Николовска од Еко свест.

Како држава која нема финансии да се справи со последиците од климатските промени, нашата земја е особено ранлива на наглите промени во климата, страда производството на храна, нарушена е безбедноста на нашите домови и здравје. Планирање на нискојаглероден развој на сите сектори во државата во моментов е минимален напор кој можеме да го направиме за да ги помогнеме глобалните напори за справување со климатските промени, меѓутоа и здравјето на граѓаните во нашата земја.

Стратегијата предвидува три сценарија, референтното сценарио значи премин од конвенционални извори на енергија врз основа на сегашните политики и принципот на оптимален развој при најниски трошоци, сценариото за умерена транзиција предвидува погресивна транзиција од конвенционални извори на енергија врз основа на нови политики и принципот на оптимален развој при најниски трошоци, а зеленото сценарио, пак, радикална транзиција од конвенционални извори на енергија врз основа на нови политики и укинување на лигнитот. Намалувањето на емисиите на стакленички гасови се постигнува во две од трите сценарија, што се должи на намалувањето на производството и користењето на јагленот.

Во сценариото за умерена транзиција, емисиите на јаглероден диоксид се намалуваат за речиси 30 отсто во 2040 година во однос на 2017 година, а во зеленото сценарио за 42 отсто. Зеленото сценарио предвидува и најголеми заштеди кај потрошувачката на примарна енергија, до 34,5 отсто до 2030 година и до 51,8 отсто до 2040 година.

Стратегијата во сите три сценарија предвидува земјава да користи помалку енергетски ресурси за да ги покрие истите потреби од енергија. Со имплементирањето на енергетски ефикасни технологии за домаќинствата, според референтното сценарио до 2040 ќе се трошат 15 отсто помалку ресурси, според умереното, 24 отсто и според зеленото сценарио 31 отсто.

Оваа стратегија има и визија за напуштање на јагленот како главен енергенс во две од трите сценарија што покажува високо ниво на амбиција за намалување на емисиите на стакленички гасови на земјата, меѓутоа и планови за зголемување на енергијата која доаѓа од сонцето и тоа со изградба на соларни централи на локацијата на поранешниот рудник во Осломеј и сето ова е навистина за поздрав. Секако дека за нас е најприфатливо зеленото сценарио, додека, пак, сосема го отфрламе референтното сценарио. Во следните шест месеци ќе треба да биде донесена Програмата за имплементација, а невладиниот сектор и понатаму ќе ги искажува и аргументира своите ставови“, вели Николовска.

Напуштањето на фосилните горива и поголемата употреба на обновливите извори на енергија, односно декарбонизацијата на енергетскиот сектор во две од трите сценарија, според Бојана Станојевска  Пецуровска од Центарот за климатски промени, е од особено значење, бидејќи веќе е прашање на време воведувањето на таксите за емисија на јаглероден диоксид. Неодамна од Енергетската заедница јасно ставија до знаење дека Западен Балкан нема да биде поштеден од оваа такса, односно веќе никој не ќе може да субвенционира на било каков начин производство на електрична енергија од јаглен.