Завршна конференција од проектот „Акциска мрежа за добро владеење“

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Реактор – Истражување во акција, утре во ЕУ Инфоцентар, во 10 часот, ќе одржат завршна конференција од проектот „Акциска мрежа за добро владеење“.

На конференцијата воведно обраќање ќе има евроамбасадорот Аиво Орав, а говорниците ќе дискутираат на темите: добро владеење, корупција, транспарентност и отчетност.

– Целта на проектот „Акциска мрежа за добро владеење“ е промовирање на динамично граѓанско општество, кое ефективно ги мобилизира граѓаните за активна вклученост во доброто владеење и во транспарентноста, како и за влијание врз процесите на донесување одлуки на локално и на национално ниво. Подетално, проектот се стреми кон подобрување на вклученоста на граѓанското општество во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и во механизмите за донесување одлуки, како и кон зголемување на капацитетите на граѓанското општество за справување со важни општествени прашања – велат од Фондацијата „Метаморфозис“.

Во рамките на овој проект, доделени се 16 мали грантови на граѓански организации кои ја формираат Акциската мрежа за добро владеење, која претставува платформа за соработка на граѓански организации, неформални инцијативи и на поединци кои работат на полето на доброто владеење, а се стреми кон унапредување на доброто владеење, како еден основните услови за демократизација на општеството и напредок во евро-атланските интеграции.