Заврши истрагата за Палчо, обвинителството ќе предложи спојување на постапките за сите обвинети за двојното убиство

Првото судско рочиште за нив требаше да се одржи во вторник, на 30 јули, но од обвинителството најавуваат дека ќе побараат одложување на закажаното рочиште

Колаж, Мета.мк

Заврши истрагата за Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, со ова тече законскиот рок на одбраната да изврши увид во доказите.

По истекот на овој рок и поднесување обвинение против Палчо, од обвинителството најавуваат дека ќе предложат спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан.

Претходно месецов беше одобрено обвинението против Влатко Кешишев, Велибор Маневски и Боре Видевски, кои се обвинети за убиствата на Вања и Панче, лани во ноември. Во обвинителниот акт е и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој е обвинет за кривичното дело грабнување.

Првото судско рочиште за нив требаше да се одржи во вторник, на 30 јули, но од обвинителството најавуваат дека ќе побараат одложување на закажаното рочиште.

„Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Завршена е истрагата за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело, но постапката против него ќе се води одвоено.

Влатко Кешишев, Велибор Маневски и Боре Видевски, според обвинението, заедно со Палевски, испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22 ноември 2023 година, тие, како што велат од обвинителството, го грабнале Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

„Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано ‘Рудник’ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“, соопштија претходно од Јавното обвинителство.

Пет дена подоцна, на 27 ноември, четворицата извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче” во Скопје.

„Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете“, се вели во соопштението.

Четворицата, со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика затоа што ќе пукаат. Потоа, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки”, во атарот на селото Бразда.

„Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот ‘Цитроен’ со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, стои во обвинението.

Прифатено обвинението за убиствата на Вања и на Жежовски, се очекува старт на судењето