Затворени пет текстилни фабрики во Штип, градот пред карантин

Доколку продолжи растот на заболени од Ковид-19, Штип заедно со Скопје и Тетово многу веројатно ќе биде затворен по пример на карантинот во Дебар. Утре за ова ќе одлучува Комисијата за заразни болести, која во зависност од новите бројки ќе препорача или не, карантин за градовите со голем број на заболени со Ковид 19. Ова на прес-конференција во Штип го најави државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев.

„На утринскиот состанок стана збор за карантинско затворање во Штип и некои други општини. Меѓутоа одлука немаме. Во опција е и враќање на полициски час, но засега немаме одлука, за тоа ќе се одлучува утре,“ изјави д-р Милошев.

Имајќи го предвид продолжениот викенд и неработниот ден во петок, овие нови мерки би можеле да стапат во сила од среда.

По денешните 27 новозаболени во Штип, затворени се уште пет конфекции со 600 вработени. Од текстилната фабрика која што стана жариште, од 110 вработени, 55 се заболени. Од денеска има по уште еден случај во две други конфекции. На Инфективното оддление во Клиничката болница во Штип се лекуваат 15 пациенти со средна клиничка слика. Над 255 лица се во изолација.  

Доколку има потреба, ќе бидат тестирани работничките од затворените конфекции, што ќе биде според проценка на епидемиолози. На помош на штипските епидемиолози доаѓаат колеги од околните градови, Кочани и Струмица, со цел да се забрзаат тестирањата.

Градоначалникот Благод Бочварски најави дека ќе бара воведување на поригорозни мерки доколку бројката и натаму е висока.  

„Иако сум голем противник на повторно воведување на полициски час или ставање карантин на целиот град, би сакал да го кажам мојот јасен став дека како следен чекор ќе иницирам дел од овие ригорозни мерки, во име на Општинскиот штаб, да се стават во функција. Доколку не сме на ниво на задачата, сите граѓани и институции ќе предложам до Општинскиот кризен штаб да имаме целосна блокада на општина Штип,“ рече Бочварски.

Доколку овој бран се запре сега, Бочварски смета дека нема да има потреба да се воведуваат ригорозни мерки кои ќе штетат на економијата во градот и дека со овие мерки од денеска, со затварање на пет конфекции, ситуацијата ќе може да се стави под контрола.

Граѓаните на Штип се во исчекување на утрешниот ден, кога е одлуката на Комисијата за карантин. Карантинот за Штип би значел забраната за влез и излез од градот како и целосно ограничување на движењето на граѓаните. Ќе работат само неопходните институции и капацитети, на работа ќе се оди со дозвола, а ќе пазарува само еден член на семејството.