Заштитата на личните податоци може да тргне рикверц поради немање директор на ДЗЛП

Речиси една и пол година откако го доставивме нацрт-законот за заштита на личните податоци во Министерството за правда, откако тој обилно се проверуваше и менуваше, веќе е подготвен и усогласен со ГДПР (генералната регулатива на Европската унија за заштита на податоците) и крајно време е да се донесе, бидејќи сега остана само да се изгласа во парламентот. Се надевам дека нема да го спречат фактори што сега се закануваат, односно политичката пречка – Собранието да не го изгласа пред да се распушти поради  предвремените избори, рече Игор Кузевски од Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) на денешната тркалезна маса „Правната усогласеност на GDPR и Полициската директива 2016/680 во националното законодавство“, која се одржа во рамките на 15. Меѓународна конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“ во Скопје во организација на Фондацијата „Метаморфозис“.

Тој предупреди дека за новиот закон, дури и ако биде изгласан во Собранието во најскоро време,се заканува уште една, можеби и посериозна пречка, а тоа е што Дирекцијата уште нема директор, на половина година откако претходниот поднесе оставка, што многу ја отежнува работата.

– Без разлика кога ќе влеземе во ЕУ, ние мора да бидеме усогласени со ГДПР пред сè заради нас. Видовме дека никој не може да биде имун на повреди, го имавме тоа како случај со нашиот премиер, со германската канцеларка Меркел, со претседателот на Косово… Законот е чешлан член по член, став по став, сè до завршните одредби и верувам и се надевам дека ќе биде донесен час поскоро, заради нас. Ако не се именува директор, а се донесе законот, ќе имаме преоден режим, во кој ДЗЛП ќе треба да му даде живот на тој закон преку подзаконски акти. Но немањето директор ќе не спречив во тоа, оти ќе нема кој официјално да ги донесе. Тоа ќе овозможи на сите контролори да имаат оправдание зашто нешто не прават во поглед на проверката на тоа како се прибираат и се ракува со личните податоци – рече Кузевски.

Во тркалезната маса учествуваше и Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кој порача дека како ново тело уште се во фаза на изработка на подзаконските акти за работата, но внимаваат да ја испочитуваат европската регулатива. Димовски увери дека секако ќе настојуваат да бидат максимално транспарентни за својата работа.

– Според законот за АНБ мора да соработуваме со ДЗЛП, тие се според закон наш контролор. Првите чекори ги направивме со надлежните парламентарни тела за контрола, и за три месеци откако почнавме да функционираме имавме вкупно 6 средби со двете собраниски тела за контрола на безбедносните служби што е повеќе од сите други средби претходно. Тоа е како илустрација за нашата отвореност за соработка со сите тела за контрола, а ќе бидеме целосно отворени за соработка и за овозможување контрола од ДЗЛП. Се надевам дека тековните проблеми наскоро ќе ги надминат и ќе може целосно да ја извршуваат функцијата – рече Димовски.

Во тркалезната маса учествуваше и Јан Елерман, специјалист за заштита на личните податоци, односно Офицер за заштита на лични податоци од Европол, кој предупреди дека злоупотребите на личните податоци и покрај добро поставените законски рамки, како што е ГДПР може да се случуваат постојано и во ЕУ и во земјите вон ЕУ. Елерман порача дека ситуацијата во ЕУ и надвор од ЕУ не се разликува многу и во поглед на лошата слика за офицерите за заштита на личните податоци во очите на службениците, кои ги доживуваат како некој вид „мачители“ и луѓе што постојано им поставуваат сопки.

– Но добар офицер ја гледа својата задача како полиција во полиција, а тука мора да биде вклучен и факторот на доверба, и мора да гледа како да и помогне на организацијата. Но, тоа некогаш е тешко, оти честопати офицерот за заштита на податоци го прашуваат за совет дури откако ќе почнат со прибирање на податоците – рече тој.

Во расправата учествуваа и Драгана Стојковиќ од канцеларијата на повереникот за слободен пристап до информации од јавен карактер и заштита на личните податоци од Србија, и проф. д-р Трпе Стојановски од Факултетот за безбедност при битолскиот универзитет, a ја модерираше Елена Стојановска од Фондацијата „Метаморфозис“.

Според професорот Трпе Стојановски, како еден од најупатените во целата проблематика, иако сега има многу легислатива и документи, работите се полоши.

– Не значи дека претходно, кога немаше вакви законски рамки, во полицијата не се водела сметка за личните податоци. Се водеше извонредно голема сметка на постапување со овие податоци и се внимаваше на дискрецијата, професионалниот пристап во нивно користење. Тоа беа интерни упатства со правна сила, но мора да се анализираат од призмата на тој општествен момент, во тоа време на еднопартиски, односно тоталитарен, систем – рече Стојановски.

Тој спомена дека уште од 2005 година е вклучен во изработка на соодветните регулативи со коишто би се заштитиле правата на граѓаните, како што се законот за полиција и законот за внатрешни работи, и иако напорите за законски измени се правени со најдобра намера и со консултирање и транспонирање на европската регулатива, сепак спроведувањето во практика покажува многу слабости и задолжително ќе мора да се преземат мерки.

Тој повтори дека иако сега законодавството е добро поставено, примената на терен е „на второ или трето ниво“.

– Темелите се поставени, но мора посолидно да се регулира и оваа порака мора да биде упатена до највисоките менаџменти во националните институции. Оттаму, „Метаморфрозис“, која „дежура“ на ова прашање, кое е побитно отколку што јавноста знае, покажува дека  граѓанското општество, кое е одлично упатено во проблематиката, треба да биде сослушано од државата и да се применуваат забелешките – рече Стојановски.