Заинтересираните за купување на „мерцедесот“ од „бомбите“, може да го разгледаат на 7 март

Сите кои се заинтересирани да го купат „мерцедесот“ С600 кој е во сопственост на државата, можат да го разгледаат на 7 март (среда) од 10 до 15 часот во гаражата на Македонска радио-телевизија, информираа денеска од Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Почетната проценета вредност на овој автомобил, попознат како „она на М“ од прислушуваните разговори, согласно проценката на  Бирото за судски вештачења, изнесува 230.000 евра. Јавното наддавање ќе се изврши електронски на интернет страницата www.e-aukcii.finance.gov.mk“, а заинтересираните треба да се регистрираат најдоцна до 12 март.

– Банкарската гаранција за сериозност на понудата треба да биде во висина од два проценти од вкупната проценета вредност со времетраење од 30 дена од денот кога е крајниот рок за поднесување на пријави, 12 март. Право на учество на електронското наддавање имаат сите домашни, странски физички и правни лица. Потребно е во последните пет години да не им е изречена правосилна пресуда за учество во злосторничка организација, корупција, измама или перење пари. Физичките и правни лица да немаат неплатени даноци, придонеси или други јавни давачки, на правните лица да не им е изречена прекршочна санкција – појасни Пеце Мирчевски од Службата за општи и заеднички работи на Владата.

На новинарско прашање, со што ќе се возат странските делегации кои ќе бидат во посета на Македонија, од владата одговорија дека има уште два блиндирани автомобили, но и дека МВР ќе се грижи за нивната безбеднсот како и до сега.

Јавноста за луксузниот „мерцедес“ разбра од „бомбите“, а Специјалното јавно обвинителство води постапката под кодно име „Тенк“ против поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни, Гордана Јанкулоска и нејзиниот помошник за јавни набавки, Ѓоко Поповски, дека луксузното возило било нарачано во време на ослабена економска моќ на министерството за внатрешни работи.