Заев со германските бизнисмени разговарал за развој на средното стручно образование

На средбата на премиерот Зоран Заев со претставници на германската Комора за индустрија и трговија во Берлин, денеска се зборувало и за концептите за средно стручно образование во Македонија и за енергетската ефикасност и за обвновливите извори на енергија, соопшти македонската влада.

На средбата на која бил придружуван од вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, македонскиот премиер со својот домаќин, заменик-директорот на комората Волкер Трејер разговарал за концептите за развој на средно стручно образование во Македонија, за да се зајакне капацитетот на среднистите, со посебна важност на струките механичари и механик-електроничари. Посебно била потенцирана потребата од соодветен сооднос на теоријата и практиката при образованието.

На средбата било нагласено и дека постојат можности за соработка и во областите на енергетска ефикасност и употребата на обновливите извори на енергија.

„Претставниците на германската комора ги понудија своите капацитети како линк меѓу можностите за инвестирање во Македонија и германските компании со кои соработуваат и истакнаа дека сакаат да го поддржат процесот на зачленување на Република Македонија во Европската Унија“, соопшти македонската влада.

Сојузна Република Германија е трговски партнер број еден на Република Македонија со обем на трговија од над 40 отсто од вкупната вредност, а вредноста на трговската размена секоја година расте и во 2017 година достигна над 3 милијарди евра.

Инвестициите од оваа земја главно се насочени во текстилната, металопреработувачката индустрија и поддршката за автомобилската индустрија и транспортот. Растот на германските инвестиции во Република Македонија продолжува и во постоечките компании со германски капитал вработени се речиси 20.000 луѓе.