Заев повика на голем сенароден протест на 17 мај во Скопје

Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, вечерва, по протестниот марш во Кавадарци, кој, како што рече, е последниот по градовите во внатрешноста, најави и повика на голем сенароден протест на 17 мај во Скопје.

– Овде, во Кавадарци, вечерва завршуваат протестите по градовите во внатрешноста на Македонија. Но, има и зошто. Овде ја користам можноста да ве повикам сите, целиот наш народ, и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Власи. Ве повикувам сите, и политички партии и здруженија на граѓани и работници, земјоделци, лекари, професори и наставници, сите кои знаат дека е вистинско време за преземање чекори, на голем сенароден протест, во недела, на 17 мај, во главниот град на Република Македонија, во Скопје. Ве повикувам сите под знамето на Македонија – рече Заев.