За да закажете преглед, јавете се на телефонот на кој никој нема да ви одговори!

Со денови се обидувам да закажам преглед на Институтот за микробиологија, затоа што единствениот начин за тоа е телефонски, но никој не се јавува, реагира Марија Кузевска од Скопје, која девет години се мачи со стерилитет. Таа вели дека почнала да врти на телефонскиот број на 12 ноември (четврток) за да закаже за понеделник, 16 ноември, но никогаш никој не кренал слушалка.

– Бидејќи вртев од 8 часот наутро до 2 часот попладне, а тоа е цел ден, на секои пет минути, на сите телефони што ги најдов на институтот, веќе изгубив трпение и се јавив во кабинетот на министерот. Пријатен женски глас ме сослуша, ми се извини за непријатностите и ме советуваше да се јавам на 3112-500, локал 112, и да ја барам Вера Менковска, раководител во Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Оттаму во вторникот кренаа слушалка и ја оставија слушалката отворена. Цели пет минути слушав разговор меѓу две жени, но никој не ми одговараше. Спуштив за потоа цел ден тој локал да биде зафатен – вели Кузевска за „Мета“.

Таа вели дека преку Фондот за здравствено осигурување направила три неуспешни ин-витро оплодувања. Во приватните болници, пак, испитувањето што ѝ е потребно на Марија чини 4.000 денари. Таа се прашува зошто постојат телефони кога никој не се јавува и зошто не може да пријави неправилности во институцијата задолжена за тоа?

Директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Џевџес Шаќири, вели дека имаат проблеми со телефонската линија поради тоа што во тек е јавната набавка на телефонски линии.

– Процедурата е во тек и очекуваме наскоро овој проблем да се реши. Сепак, претставка може да се поднесе и лично до Министерството за здрвство, каде пациентите се регистрираат и задолжително треба да бидат известени – вели Шаќири.

Од Министерстовото за здравсто ни рекоа дека тие не се надлежни за ова и не можат да ни одговорат, па нè препратија кај директорката на Институтот за микробиологија, Милена Петровска.

Таа, пак, вели дека не е запознаена со овој проблем и дека ќе провери што се случило.

– Факт е дека пред извесно врееме имавме некој проблем со линиите. Но, ги сервисиравме и би требало сè да е во ред. Пациентката слободно нека нè побара, секако ќе ѝ биде закажан преглед – ни изјави Петровска.