Праксата им следува со закон, но нема каде да почнат – младите лекари бараат решение за проблемот

Праксата е задолжителна ако младите лекари сакаат да се запишат на специјализација. И покрај ова, државата не им нуди места каде ќе можат да одат на практична работа. Младите лекари се оставени во агонија и не можат да го добијат она што им следува со закон

Фото: Pixabay.com

После шест години редовни студии и шест месеци поминат стаж за полагање на државен испит, оставени сме во агонија и загриженост за нашата иднина. Ова е коментарот што денеска го дадоа претставници на десетици млади лекари кои државата ги остави без практична работа по завршување на студиите и полагањето на државен испит.

Тие три месеци чекаат да бидат викнати на платена пракса, на која Министерството за здравство ги обврзува со закон и ги условува ако сакаат понатаму да се усовршуваат, односно да се запишат на специјализација.

Младите лекари реагираат што со месеци не се викнати во ниту една здравствена установа во земјава на задолжителната пракса која мора да ја поминат. Додаваат дека се под стрес, затоа што специјализацијата се запишува во септември и, практично, ако не почнат со пракса месецов, правото да се запишат на специјализација ќе им биде одземено бидејќи септември е за точно 6 месеци.

„Дел од колегите ја започнаа платената пракса од шест месеци во Итната медицинска помош и во Здравствените домови, додека останатиот дел, уште чекаме. Ние секојдневно сме на вратите на институциите и бараме одговори за тоа кога ќе почнеме со платената пракса. Одговор немаме и чекаме. Се сретнавме со вработените во Министерството за здравство и министерот доктор Илир Демири. После средбата Министерството за здравство испрати барања за брза и итна постапка за да добиеме одговор од Министерството за финансии за нашиот предмет. Меѓутоа, уште чекаме“, изјави доктор Симона Ѓоргиевска, една од претставничките на младите лекари што денеска се собраа пред зградата на Министерството за здравство.

Тие забележуваат парадокс во македонскиот здравствен систем, кој се соочува со недостиг на млади лекари, а истовремено младите лекари се оставени во чекалната на институциите за да дојдат до платената пракса која им следува со закон.

„Доколку не се најде решение за нашата ситуација, за жал ќе бидеме дел од многуте неправди кои институциите ги прават врз здравствените работници. Иако си ја сакаме државата и сакаме да останеме тука, ќе бидеме принудени да ја напуштиме и да отидеме некаде каде ќе се ценат нашите труд и знаење. Бараме поддршка од нашите колеги и професори, како и од сите останати здравствени работници и граѓани“, изјави младата докторка Ивана Балоска.

Во меѓувреме, Комисијата за имунизација барала дел од младите лекари да почнат со пракса на вакциналните пунктови поради епидемијата со пертусис, но и тоа барање во моментов е заглавено во институционален лавиринт.

По собирот на младите лекари пред зградата, од Министерството за здравство преку соопштение до медиумите велат дека постапиле според своите законски обврски за младите лекари да бидат ангажирани во вакциналните пунктови и Итната медицинска помош при здравствените домови.

Од таму велат дека министерот за здравство Илир Демири информирал за проблемот на владина седница, по што било испратено барање до Министерството за финансии и се чека одговор од Државната комисија за спречување корупција поради предизборниот период.

„Националната комисија за имунизација во својот заклучок препорачува што побрзо вклучување на младите лекари во процесот на имунизација, односно лекарите кои обавуваат задолжителен стаж по дипломирањето да се вклучат во пребарувањето на невакцинираните деца, нивното повикување, како и евидентирање на вакцинацијата во електронскиот систем, додека пак лекарите кои обавуваат платена пракса по добивање на лиценца дополнително да се вклучат и во спроведувањето на вакцинацијата во оние вакцинални пунктови каде постои потреба од дополнителен кадар, се со цел непречено спроведување на вакцинацијата“, се вели во денешното соопштение на Министерството за здравство.