За 24 часа издадени потврди на близу 3.000 мигранти

Во последните 24 часа, потврди за искажана намера за барање азил, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало на вкупно 2.909 мигранти, од кои најголем дел, односно 1.648, се сириски државјани.

Со последната бројка на регистрирани мигранти, според податоците на МВР, од почетокот на издавањето на потврдите, на 19 јуни, досега низ земјава кон север, транзитирале вкупно 155.739 странски државјани.

Најголем број од нив се сириски државјани, вкупно 106.915 лица, потоа од Авганистан (25.818), Ирак (11.697), Пакистан (3.729), Иран (1.806), Палестина (1.507), Сомалија (824), Бангладеш (828), Конго (450), Нигерија (244), Камерун (218) и од Еритреја (204).

Досега, според МВР, барање за азил во земјава поднеле само 70 мигранти. Од нив, 51 се сириски државјани, додека другите се од Авганистан, Пакистан, Мароко, Либан, Палестина, Алжир, Ирак и од Египет.