Вучиќ каменуван во Поточари

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска беше погоден со камен в лице за време на комеморацијата по повод 20 години од масакрот во Сребреница. Инцидентот се случил на влезот од гробиштата, каде денеска треба да бидат погребани посмртните останки на уште 136 жртви.

Насобраните граѓани, во бес ја пробиле заштитната ограда и фрлајќи камења, шишиња и чевли, се упатиле кон Вучиќ и кон неговата делегација.

Како што јавуваат српските медиуми, Вучиќ и неговата придружба веднаш се евакуирани и се упатиле назад кон Белград.

Босанската полиција соопшти дека едно лице е уапсено по нападот на српскиот премиер.

Реис-ул-улемата на Исламската заедница во БИХ, Хусеин ефенди Кавазовиќ, повика достоинствено да се одржи комеморацијата за жртвите.

„Да останеме достоинствени во нашата болка и да не дозволиме на оние што ја предизвикале денеска да бидат над нашата болка. Свртете ги своите лица кон табутите, а не кон тие што тука дошле од други причини“, рече Кавазовиќ.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, го осуди денешниот напад на Вучиќ во Поточари.
„Шокиран сум и целосно го осудувам денешниот напад на премиерот на Србија, Вучиќ. Поточари би требало да биде место за размислување, помирување, а не за насилство“, наведе Јагланд во соопштението.