Во тетовско Групчин, пронајден мртов 16-годишник со рана од куршум во градите

Четириесет и четиригодишен жител на тетовското село Групчин, вчеравечер пријавил во полиција дека на нива во местото Чешма, кое се наоѓа над селото, го пронашол починат својот 16-годишен син, со една влезна рана од куршум во левиот дел на градите, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Кратко по пријавувањето на случајот, јавен обвинител, екипа на Секторот за внатрешни работи Тетово и лекар од судска медицина извршиле увид на местото.

Како што информираат од МВР, покрај телото на малолетникот имало пиштол, марка „берета“, калибар 9 милиметри, неколку неиспукани куршуми од истиот калибар во цевката и во шаржерот на пиштолот и една испукана чаура.

На местото биле пронајдени и подигнати за вештачење и други траги, а по наредба на јавнот обвинител телото на момчето било дадено за обдукција.

Во тек е полициска истрага за целосно расчистување на случајот.