Во Тетово ќе се отвори прва средношколска фудбалска паралелка

На фудбалскиот стадион на Спортскиот центар во Тетово, стручни лица од Фудбалската федерација на Македонија денеска вршеа селекција од 95 пријавени кандидати за првата средношколска паралелка по фудбал.

Станува збор за иницијатива на Општина Тетово во соработка со Средното стручно училиште „Моша Пијаде“, во кое, од идната учебна година, ќе почне да функционира паралелка по фудбал, како дел на Спортската гимназија од Скопје.

Селекцијата за нови ученици се врши во осум градови во Република Македонија, меѓу нив и во Тетово, кој важи за фудбалски град.

Конкуренцијата на пријавените кандидати е голема, но секој од нив се надева дека во иднина ќе биде професионален фудбалер.

– Јас се пријавив на оваа академија за во иднина да бидам професионален фудбалер – вели Аљбион Велиу, еден од кандидатите.

Идентични се и амбициите на младиот Арменд Абдили, кој, исто така, се надева дека ќе биде примен во паралелката.

Од Општина Тетово велат дека од идната година ќе бидат отворени и паралелки за кошарка и за тенис, а ако има интерес, и за други спортови.

З.Д.