Во петок ДЛУМ ќе ја отвори изложбата „Поместени граници“ по повод Денот на уметноста

Фото: Друштво на ликовни уметници на Македонија

Во петок по повод 15-ти април, Светскиот ден на уметноста, ќе се отвори изложбата „Поместени граници“ од страна на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) во соработка со Министерството за култура.

Официјалното отворање ќе започне во 13:30 часот во дворот на Министерството и ќе трае до 20 часот истиот ден.

„Поместени граници“ е концепт проект посветен на новите медиуми, потенцирајќи ги уметничките процеси кои се отворени за промени, уметноста во хармонија со просторот, односот уметност и природа. Самите уметници избрани за ова издание, ги придвижуваат границите на мислите, експериментираат низ нивната замисла, а сето тоа е резултат на грижите, прашањата и евентуалните одговори кои треба да ги постават во своите дела“, се вели во најавата за изложбата.

Ќе се претстават 8 уметници воглавно од младата генерација, односно Марија Светиева, Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски и Ана Ивановска. Тие со свои решенија од последната година на творештво, внесуваат енергија на поврзаност со природата, но и посветеност кон вечните теми на бесконечност, релативноста на времето, еколошкиот пристап кон постоењето, но уметниците се посветуваат и кон пробивањето на границите на разбирањето и надежта.

„Овогодишното, шесто издание на годишната изложба на ДЛУМ „Поместени граници” ја има можноста на користење на отворениот простор-паркот на Министерството за култура и со тоа се вклучува во заедничко празнување на овој светски датум на Уметноста. Поставувајќи ја уметноста поблиску до гледачите, дури и случајните минувачи, ја продолжуваме мисијата, уметноста да биде духовна храна, преку нејзе да испратиме порака и да се запрашаме колку сме моќни да направиме промени“, соопштуваат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.