Во Македонија има повеќе од 70.000 фирми

Државниот завод за статистика денеска објави дека минатата година имало 70.659 активни деловни субјекти во Македонија.

Најголемо учество во оваа бројка имаат секторите трговија на големо и трговија на мало и поправка на моторни возила и мотоцикли, со 24.674 субјекти или 34,9 проценти, и преработувачката индустрија со 7.675 субјекти или 10,9 проценти. Најмала застапеност, пак, е регистрирана во секторите рударство и вадење камен, во кој имало 180 субјекти или 0,3 проценти и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, 151 субјект или 0,2 проценти.

Според бројот на вработени, најголемо учество, од 85,2 проценти, имаат фирмите со еден до девет вработени. Потоа, со 5,4 проценти, следат деловните субјекти без вработени или субјекти со неутврден број вработени (без податок за вработени), па фирмите со 10 до 19 вработени, со 4,4 проценти. Со 20 до 49 вработени во 2014 година биле 2,6 проценти од деловните субјекти, 1,8 проценти се фирми со 50 до 249 вработени, а само 0,3 проценти со повеќе од 250 вработени.