Фото: Министерство за здравство

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.687 и има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство.

„Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти“, информираат од Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 999 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 138 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во болницата во Штип е хоспитализиран 91 пациент. На инфективното одделение во Тетово има 41 пациент, во Велес се лекуваат 94 болни, а во Куманово 92 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 105 пациенти, во Прилеп 123, во ковид центарот во Гостивар 46, а во Струга 25 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 98 пациенти, во Кочани 28, во Кичево 31, Кавадарци 61, а во Гевгелија 26 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 68 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 688 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, иако бројките собрани од поединечните ковид центри во Скопје што ги испрати Министерството за здравство говорат за 694 пациенти.

Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 29 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 23 примени пациенти и 7 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле  биле примени 3 нови болни, а 2 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 5 пациенти.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 68 оздравени пациенти.

До утрово до 8 часот во ковид центрите во Скопје имало 88 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.