Љупчо Николовски-Горан Сугарески
фото: Влада на РСМ

Во борбата против корупцијата и организираниот криминал активно се вклучени сите антикорупциски надлежни институции, меѓу кои е особено важна улогата на Царинската управа, но и меѓуинституционалната координација и размената на информации. Ова беше посочено на работна средба на граничниот премин Табановце, меѓу вицепремиерот Љупчо Николовски, директорот на Царинската управа Горан Сугарески и Вирџинија Абајо-Маркез, раководителка на канцеларијата на ОН за дрога и криминал во Белград и Регионален советник за борба против корупција и поврат на имот за Западен Балкан. На средбата се разговарало за усвоениот План за борба против корупција и за улогата на Царинската управа во спречувањето на криминалот.

Според Сугарески, како резултат на кампањата на управата, „Стоп за корупцијата“  зголемен е бројот на поднесоци во 2020 година, а Царинска управа има донесено и Стратегија за интегритет и борба против корупцијата, за период од 2019-2022, при што за една година целосно се реализирани 37 отсто од предвидените активности.

Вицепремиерот Николовски ги презентираше мерките од Планот за борба против корупција, при што појасни дека со него е предвидено секоја институција да назначи и јавно да објави овластено лице за прием на пријави за постоење на евентуална корупција и институциите да донесат годишна Антикорупциска Програма. Дополнително, ќе биде воведен Систем за следење на предмети и претставки преку отворање на повикувачки центар, преку кој граѓаните и фирмите ќе можат да пријавуваат случаи на корупција.

Абајо-Маркез, посочи дека Царинската управа е важна за откривање на корупција особено при трговијата и позитивно ги оцени мерките од Планот за борба против корупција, како и ентузијазмот на Владата за воведување системски промени и мерки.