ВМРО-НП: Иселениците во Австралија да ги спречат црковните поделби

„ВМРО–Народна партија со голема загриженост ги следи настаните што со години прават раздор меѓу македонските православни верници во Австралија, а се однесуваат на канонската јурисдикција на Австралиско-новозеландската епархија“, стои во соопштението од оваа партија.

„Македонската јавност трпеливо, долго време се надеваше дека еден ваков црковен спор, лесно ќе биде надминат на цивилизиран начин и според канонските одредби од Уставот на МПЦ-ОА. На изненадување на сите, овој, навидум, лесно решлив проблем се претвори во долготраен судски процес, кој Епархијата ја чинеше залудно потрошени милиони долари, со кои можеа да се изградат уште неколку храмови“, се вели во реакцијата.

ВМРО-Народна партија, како што велат од партијата, е згрозена од изјавите на некои самоповикани спасители, кои решението на овој проблем го гледаат во формирање посебна македонска православна црква во Австралија.

„Ваквиот чин е целосно антицрковен и директно е насочен против единството на МПЦ-ОА и во овој момент на ескалација на антимакедонски процеси, претставува најдиректно загрозување на македонскиот идентитет, со несогледиви последици. ВМРО-Народна партија ги повикува нашите иселеници во Австралија, кои се претставуваат како големи патриоти и заштитници на македонскиот идентитет, да застанат во одбрана на обединувачката улога што канонски ѝ припаѓа на МПЦ-ОА и да ги спречат поделбите помеѓу македонските верници. Истовремено, на македонските бизнисмени им порачуваме, нивниот искрен патриотизам да го докажат со инвестирање во разни економски проекти во Република Македонија, а не да се занимаваат со создавање паралелни цркви и со присвојување на храмови изградени со пари од верниците, со што крајно неетички го нарушуваат интегритетот на МПЦ-ОА“, стои во соопштението на ВМРО-НП.