ВМРО-ДПМНЕ: Само платениците останаа да ја бранат честа на СДСМ

СДСМ е во очај и го губи тлото под нозе, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за приведувањето на активистот на „Шарена револуција“, Павле Богоевски.

„СДСМ гледа дека граѓаните не ја поддржуваат нивната деструктивна политика. Со палењето, ограбувањето и со уништувањето на јавниот имот, СДСМ го допре дното. Нападите и навредите врз полицијата и недолжните граѓани кои им се најдоа на патот само го покажаа вистинското лице на СДСМ и на платениците кои протестираат. Само платениците останаа да ја бранат честа на СДСМ. СДСМ е преплашен сам да каже што мисли. Затоа неколку платеници беа испратени денеска да провоцираат“, стои во реакцијата.

Според владејачката партија, платениците на СДСМ очекуваа да предизвикаат инцидент на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ за да покажат дека ВМРО-ДПМНЕ е на исто ниво како и нивните нарачатели.

„Зоран Заев е аболиран криминалец кој покажа дека нема храброст сам да ги изврши своите деструктивни идеи. Зоран Заев знае дека во оваа држава има граѓани кои нема да му го дозволат тоа и има институции кои нема да потпаднат на неговите притисоци“, стои во реакцијата.