ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставен суд за Законот за јазици

ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за јазици, откако минатата недела иницијатива поднесе и професорот Јове Кекеновски. Според партијата, Законот е донесен на насилнички начин од страна на власта, со газење на Уставот, законите и процедурите за донесување и објавување на законите.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев вели дека Указот за прогласување на законот за двојазичност е објавен само со потпис на Талат Џафери и без потпис на претседателот на државата – Ѓорѓе Иванов, што, како што рече, е во целосна спротивност на Член 75 од Уставот, кој предвидува указите за прогласување на законите задолжително да се потпишуваат од Претседателот на Република Македонија.

– На указот на Законот за двојазичност стои единствено потписот на Талат Џафери, кој се потпишал во име на претседателот на држава – иако на претседателот на државата, ниту му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши, што е уште една незаконитост спротивна на Член 82 од Уставот. Тоа значи дека во конкретниов случај не е исполнет ниту еден од условите указот да биде потпишан од Џафери во име на претседателот на државата – изјави Јанушев.

Тој додаде дека Законот за двојазичност е во целосна спротивност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој вели дека „На целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.“

– Со Законот за двојазичност – македонскиот јазик се изедначува со секој друг јазик кој го зборуваат 20 отсто од граѓаните на Република Македонија и со тоа македонскиот јазик од кохезивен фактор во општеството се претвора во еден од двата службени јазици, што е незаконски и противуставно. Дополнително власта врши прекршување и при носењето на законот, бидејќи Законот за двојазичност е закон кој уредува и прашања за употреба на јазикот во судските постапки и органите на државната управа и општините, кои според Член 98 и Член 119 од Уставот се носат со двотретинско мнозинство – рече Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Уставниот суд донесување на времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот за двојазичност и Указот за прогласување на истиот.

– Апелираме до Уставниот суд да одлучува со најголема итност, почитувајќи ги Уставот и воспоставените практики од минатото и да донесе одлука со која ќе се укине Законот за двојазичност – рече Јанушев.