ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира, од Министерство за правда бараат разум за предлог-законот за амнестија

Од Министерството за правда укажуваат дека состојбата во затворите е алармантна за што укажуваат и бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање, како и од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа

Фото: Архива, Министерство за правда

Откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера најави блокада на предложениот Закон за амнестија во Собранието на РСМ, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и денеска порачуваат дека ќе ги искористат сите средства за да ја блокираат намерата на СДСМ и ДУИ да ослободат криминалци блиски до нив од затвор.

„Бројни криминалци кои се поврзуваат со власта, а кои се јавувале како извршители на СДС и ДУИ во минатото ќе бидат ослободени од затворите. Ова е ветување кои структури од власта им го давале во минатото дека ќе ги штитат. Разни деликвенти, дилери и трговци со дрога, криминалци од потежок тип ќе бидат амнестирани. СДС и ДУИ од затвор ќе ослободат луѓе кои го нарушуваат јавниот ред и мир и внесуваат несигурност кај граѓаните“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од нив, од Министерството за правда денеска информираат дека неколку пати испратиле дописи до координаторите на политичките партии во Собрание на РСМ за да се произјаснат за новиот предлог Закон за амнестија.

„Барањата се испратени по писмен и електронски пат на 18.07.2023, 20.07.2023, 24.08.2023, 11.09.2023 и 13.09.2023 година. Со предлог законот преку писмен допис е запознат и председателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од нив e побарано во најкус можен рок да го разгледаат и да се произјаснат за законското решение, давајќи свои забелешки и сугестии“, стои во соопштението од Министерството за правда.

Од ова министерство укажуваат дека состојбата во затворите е алармантна за што укажуваат и бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање, како и од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.

„Со амнестијата се очекува да бидат опфатени лица кои се осудени на казна затвор до 6 месеци, како и осудените лица на кои им е изречена казна затвор над 6 месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Ги замолуваме сите политички партии да го поддржат овој хуманитарен чин кој е од интерес за граѓаните и да го изгласаат ова законско решение“, велат од Министерството за правда.