ВМРО-ДПМНЕ: Има два излеза – или нови избори или СДСМ да се откаже од платформата

ВМРО-ДПМНЕ јасно ја соопшти својата позиција уште пред да влезе во преговори за формирање на идната владина коалиција, а таа гласеше „Влада да, но не по секоја цена“, стои во денешното соопштение на партијата.

Оттаму велат дека партијата одбила да разговара за прифаќање на платформата подготвена и потпишана во Тирана, чија крајна цел, според ВМРО-ДПМНЕ, е редефинирање на Македонија и нејзино трансформирање од мултиетничка во бинационална држава.

СДСМ, се вели во соопштението, е уценет само поради тоа што изгубил на изборите, на кои не освоил мнозинство гласови за да формира влада.

„Сега СДСМ е доведен до ѕид заради патолошката желба на Зоран Заев да биде премиер по секоја цена. Затоа СДСМ прифаќа и гледа позитивно на платформата од Тирана. Затоа СДСМ се согласува на официјализирање на албанскиот јазик и на воведување двојазичност на цела територија. Затоа СДСМ се согласува на менување на банкнотите и на униформите. Целата јавност деновиве беше сведок дека СДСМ ги прифатил и другите сегменти од платформата кои подразбираат носење резолуција за прогласување геноцид врз Албанците“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде додаваат дека сите овие отстапки на СДСМ се „исклучително опасни“ по иднината на државата.

Од партијата велат дека има два излези од состојбата во која е доведена земјата. Првиот е одржување на брзи вонредни избори, а вториот е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да се откаже од платформата на Албанците.