ВМРО-ДПМНЕ бара Собранието да го врати предлогот назад до Владата

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери да ја врати во Владата информацијата за предлог преговарачката-рамка за членство на Македонија во ЕУ. Како што рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во информацијата не се содржел ниту еден документ.

Според Мицевски, никаде во испратениот материјал ги нема Документот со заедничкиот став на ЕУ, Предлог-преговарачката рамка на ЕУ односно општиот став на ЕУ, Предлог-заклучоците на Советот, како и Билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија.

За воља на вистината, сите овие документи освен билатералниот протокол се јавно достапни на сајтот на Владата и на македонски и на англиски јазик.

Сепак, Мицевски смета дека станува збор за „девастација и девалвација на Собранието“, бидејќи материјалот што е стасан од Владата бил всушност еден лист.

„Текст од една страна е целиот материјал што Владата го испрати за одлучување во Собранието врз основа на кое што треба пратениците да се изјаснат за иднината на Република Македонија“, рече Мицевски.

Тој апелираше до сите и до новинарите, да направат заеднички притисок македоско-бугарскиот протокол да биде објавен веднаш.

„Се работи за Меѓувладина конференција која што ја одобрува и потпишува Владата, а не Собранието да ја задолжува Владата со заклучоци. Нема да дозволиме да се кријат зад нас пратениците и токму затоа го повукуваме Џафери, да не го вовлекува Собранието во оваа игра на Владата“, рече Мицевски.

Слични препукувања околу тоа кој треба да расправа за таканаречениот „француски предлог“ имаше и при процесот на негово разгледување во Софија. Таму, опозициските партии, вклучувајќи ја и ГЕРБ на екс-премиерот Бојко Борисов, бараа во собранието да не расправа за предлогот туку владата на Кирил Петков директно да донесе одлука. На крајот, тој сепак мораше да помине во Собрание и беше изгласан од страна на пратениците и на власта и дел од опозицијата.

Петков инсистира „францускиот предлог“ да помине во парламентот па потоа да се одлучува за ветото