Вметнувањето на Бугарите во Уставот и кој ја почна војната во Украина – теми кои го делат општеството

Најновата анкета спроведена од Фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија Социетас Цивилис покажува разлики во мислењето на граѓаните за важни внатрешнополитички и надворешнополитички теми

Фото: Архива на Мета.мк

Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав и темата за војната во Украина се двете теми кои го делат македонското општество, покажува најновиот истражувачки труд „Европа во криза. Последиците врз јавното мислење во Северна Македонија“. Македонците и Албанците не можат да се сложат околу прашањето дали Северна Македонија треба да направи промена на Уставот преку вметнување на бугарското малцинство, ниту пак околу тоа дали нападот на Русија на Украина бил реакција на провокациите на НАТО, кои Москва не можела да ги игнорира.

„Во текот на изминатата година, Северна Македонија, но и регионот се соочи со бројни лажни вести кои го преземаа медиумскиот простор и со тоа влијаеа врз обликувањето на јавното мислење. Во таа насока, го истражуваме мислењето на граѓаните за неколку често споменувани тези кај испитаниците за војната во Украина“, се наведува во истражувачкиот труд на Фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија.

На прашањето „Дали нападот на Русија на Украина е реакција на провокациите на НАТО кои Москва не можеше да ги игнорира“, 36 отсто од анкетираните лица во земјава целосно се согласиле со оваа теза, 29 отсто воопшто не се согласуваат, додека 15 отсто донекаде се согласуваат. По 9 отсто од одговорите на македонските граѓани биле дека „до некаде не се согласувам“ или „не знам“, а 1 отсто одбиле да одговорат на прашањето или немаат одговор.

„Овие податоци укажуваат дека мнозинството испитаници сепак веруваат дека оправданоста на нападот од страна на Русија треба да се бара во провокациите кои ги креирало НАТО, теза која што е спротивна на мнозинството размислувања претставени во стручната јавност“, се наведува во истражувачкиот труд.

Погледнато од аспект на етничката припадност, 43 отсто од Македонците во анкетата дека целосно се согласуваат со тврдењето „Нападот на Русија на Украина е реакција на провокациите на НАТО кои Москва не можеше да ги игнорира“, додека 24 отсто од Македонците воопшто не се согласуваат со ова тврдење. Кај припадниците на албанската етничка заедница, 20 отсто целосно се согласуваат со тврдењето, додека 44 отсто одговориле дека воопшто не се согласуваат со ова тврдење.

Анкетата покажала и дека мнозинството граѓани до одреден степен не се согласуваат дека „Русија има за цел да ја освои Украина“. 41 отсто ја избрале опцијата „воопшто“, а 13 отсто одговориле дека до некаде се согласуваат со ова тврдење. Наспроти ова, 21 отсто од испитаниците се оние кои целосно се согласуваат со тврдењето дека Русија има за цел да ја освои Украина.

„Слично како и првата теза, ова мислење покажува дека мнозинството граѓани сметаат дека Русија реагира превентивно, како реакција на провокации, без да има намера реално освојување на Украина. Овие пораки се чест пример на информации кои Москва официјално ги пласира преку своите медиуми“, се наведува во истражувачкиот труд.

Постои консензус меѓу различните етнички заедници во однос на несогласувањето со ова прашање. Македонците (42 отсто) и Албанците (40 отсто) воопшто не се согласуваат дека целта на Русија е да ја освои Украина, покажува анкетното истражување.

Од друга страна, мнозинство од испитаниците (55 отсто), и од Македонците и од Албанците целосно се согласуваат дека решение на војната се само преговори, а не победа на Русија или Украина се решение за војната.

На поставеното тврдење во анкетата „Победа на Украина, значи победа на Европа“, 34 отсто од анкетираните лица одговориле дека воопшто не се согласуваат со тврдењето, додека 28 отсто целосно се согласуваат. До некаде се согласуваат 10 отсто од испитаниците, додека 14 отсто од нив ја избрале опцијата „до некаде не се согласувам“.

Во спроведената анкета граѓаните одговориле и на прашањето „Кој мислите дека треба да биде главен економски партнер на земјата?“. Па така, 49 отсто од граѓаните ја избрале ЕУ, 21 отсто одговориле САД, 14 отсто се изјасниле за Турција, 12 отсто ја избрале Русија, а еден процент помалку рекле дека Кина треба да биде главен економски партнер на земјава.

На прашањето, пак, кој е главен донатор во Северна Македонија, 46 отсто од граѓаните рекле дека тоа е Европската Унија, 17 отсто одговориле САД, а само 1 отсто од нив одговориле дека тоа е Русија.

Мнозинство од 53 отсто од анкетираните дале негативен одговор на прашањето „Дали би подржале друга алтернатива на членството на Европската Унија како на пример во Евроазиската Унија, предводена од Русија?“, 32 отсто одговориле позитивно, додека 13 отсто одговориле со опцијата „не знам“.

Кога станува збор за истражувачките резултати на прашањето „Според Вас, кој би бил најдобар сојузник на нашата земја?“, македонските граѓани како најголем сојузник ја избрале ЕУ (32 отсто), по што следуваат САД (17 отсто), опцијата „не знам“ со 11 отсто, Србија со 10 отсто, а Германија и Русија се со по 9 отсто.

Анкетното истражување покажува и дека 65 отсто од испитаниците не се согласуваат со уставни измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав, што е чекор неопходен за комплетирање на фазата за отворање на преговорите за членство на С.Македонија во ЕУ.

Токму по ова прашање постои поделеност според етничката припадност, па цврсто мнозинство од 80 отсто на етнички Македонци се против уставни измени. Од друга страна, 53 отсто од испитаниците идентификувани како етнички Албанци даваат поддршка на уставните измени.