Владата да прогласи климатска вонредна состојба на национално ниво, побараа Fridays for Future

Со протест пред Влада екологистите на Движењето за климатска правда „Петоци за иднината“ (Fridays for future) денес го почнаа одблежувањето на неделата на протести и активности за подигање на јавната свест за ургентноста со која е неопходно решање на проблемот со глобалните климатски проблеми. Денешниот собир беше дел од најшироката досега мрежа на преку 5 илјади петочки глобални протести со повеќе стотици илјади учесници во поголемите светски метрополи во пресрет на Самитот за климатски промени во Обединетите нации во Њујорк, со кои се бара акција од владите во светот за забавување на процесот на глобалното затоплување.

На протестот во Скопје, поддржан од неколку еколошки здруженија беа упатени барања Владата да го смени досегашниот пасивен приод кон проблемот со климатските промени и тоа со: Прогласување на климатска вонредна состојба на национално ниво како услов за институционална приоретизација и сензибилизација на општествените актери за прашањето, активирање на специјалното националното тело – Комисија за борба против климатските промени, кое постои само на хартија и нема никакви интеренции и овластувања како и отпочнување на процесот на затворање на постојните електрани на јаглен и преминување на 80% обновливи извори на енергија до 2030 и 100% до 2050.

Исто така, од Владата се бара воведување изучувањето на климатската проблематика во основно и средно образование.

„Сакаме на проблемот со климатските проблеми да му го дадеме вистинското место во нашето општество, според важноста што ја има, иако сме свесни дека на нашите граѓани темата на климатските проблеми им се чини навидум апстрактна и неповрзана со нивните многу сериозни домашни проблеми какво што е аерозагадувањето. Вистината е дека она што го создава аерозагадувањето е истото она што ги прави и климатските промени, а тоа се издувните гасови кои загадувачите ги испуштаат во воздухот што го дишеме. Ние од Fridays for Future Skopje се обидуваме да укажеме дека тие се и тоa како поврзани и да ја натераме инертната власт конечно да превземе нешто за спечување на загадувањето на воздухот, а со тоа да го даде и очекуваниот придонес во борбата со климатските промени“, вели Иво Босилков, фронтменот на македонскиот огранок на глобалното еколошко движење Fridays for Future Skopje кое го иницираше 16-гoдишната Швеѓанка Грета Тунберг.