Вистиномер: Фотошопирана фотографија – Бин Салман не направил безобразен гест при поздравот со Бајден

Фото: Принтскрин ФБ пост

Оваа објава на социјалната мрежа Фејсбук ги манипулира корисниците преку видоизменетата фотографија и преку невистинитата содржина на самиот пост. Се работи за фотошопирана фотографија. На оригиналната фотографија може да се види дека Џо Бајден и Мохамед Бин Салман се поздравиле со стиснати тупаници. Исто така, не е точно тврдењето во постот дека Турција, Египет и Саудиска Арабија се новите членки на БРИКС. Според најавите тоа треба допрва да се случи, односно треба да помине цела процедура за тие официјално да станат членки на БРИКС, пишува Вистиномер.мк. 

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

На објава на социјалната мрежа Фејсбук споделени се две невистини. Едната е споделена преку видоизменета фотографија (altered content) од поздравот помеѓу претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден и саудискиот престолонаследник Мохамед Бин Салман за време на посетата на американскиот претседател на Саудиска Арабија. Втората дезинформација е дека Турција, Египет и Саудиска Арабија се членки на БРИКС.

Во постот се вели:

TURCIJA, EGIPET I SAUDIJSKA ARABIJA SE NOVITE CHLENKI NA BRIKS. A KLAPCOTO TAMO OVAKA BESHE POSDRAVEN OD PRINCOT

На објавата е прикачена фотографија од поздравот помеѓу двајцата лидери за време на официјалната посета на американскиот претседател, откако тој пристигнал во Џеда на 15 јули и бил пречекан од саудискиот принц Бин Салман.

Но, фотографијата којашто им е сервирана на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук е со изменета содржина (altered content) односно фотошопирана. Бајден и Бин Салман при нивното среќавање се поздравиле со стиснати тупаници, поздрав којшто откако се појави коронавирусот често се користи како една од мерките на заштита од ширењето на вирусот. Ама, во изменетата фотографија се прикажува дека саудискиот принц при поздравот со Бајден го ставил палецот помеѓу показалецот и средниот прст. Вака поставените прсти во тупаница преставуваат навредлив и безобразен гест. Фотографијата сака невистинито да прикаже дека саудискиот принц со овој гест, нема никаква почит кон неговиот гостин, американскиот претседател.

На оригиналната фотографија саудискиот престолонаследник не ги држи прстите така при поздравот со Бајден, туку сите прсти му се собрани во тупаница како што му се собрани и на Бајден.

Официјалната фотографија може да се најде на повеќе медиуми (тука и тука) и всушност е снимена и објавена од Саудиска прес агенција (SPA).

Фотографијата споделена вака видоизменета и фотошопирана, манипулира и ги измамува корисниците на социјалните мрежи да поверуваат во нешто што не е вистина.

А, освен што фотографијата е лажна и содржината на самиот пост не е вистинита. Имено се тврди дека Турција, Египет и Саудиска Арабија се новите членки на БРИКС, што тоа не е точно. Вака напишаниот текст алудира на тоа дека тие се официјални членки на БРИКС, како тоа да е завршена работа. Но, тоа не е точно,  според најавите тоа треба допрва да се случи, односно треба да помине цела процедура за тие официјално да станат членки.

На 14 јули, Пурнима Ананд, претседателот на БРИКС интернационалниот форум изјави дека Саудиска Арабија, Турција и Египет имаат намера да се приклучат на БРИКС, а нивните потенцијални кандидатури за членство би можеле да бидат разгледани и одговорени на самитот следната година во Јужна Африка.

Сите овие земји го покажаа својот интерес за приклучување кон БРИКС и се подготвуваат да аплицираат за членство. Верувам дека ова е добар чекор, бидејќи на проширувањето секогаш се гледа позитивно, тоа дефинитивно ќе го зајакне глобалното влијание на БРИКС, изјавил Ананд за рускиот весник „Известија“.

Постои голема разлика од „имаат намера да се приклучат“, до „тие се нови членки на БРИКС“.

Ваквата објава која е многу вирална на социјалната мрежа Фејсбук, онака како што е пласирана ги манипулира корисниците на два начина – и преку видоизменетата фотографија и преку невистинитата содржина на самиот пост.