Вечерва почнува „Синедејс“

Од прес-конференцијата за „Синедејс“

На 13. Фестивал на европски филм „Синедејс“, кој ќе се одржува од денеска до 22 ноември, ќе бидат прикажани повеќе од 100 филмови, со 200 гости, а ќе се одржат и десет концерти и пет филмски работилници. Фестивалот ќе се одржи во кината „Милениум“, „Фросина“, Кинотека на Македонија и „Џебно кино“ во Младински културен центар.

Во двете натпреварувачки програми, официјалната и „Синебалкан“, ќе има 15 филмови избрани од селекторот Бернд Будер, а за наградите ќе одлучуваат две меѓународни жири-комисии.

Фестивалот вечерва ќе биде отворен со филмот „Споменик на Мајкл Џексон“ (копродукција на Србија, Македонија, Германија и на Хрватска) по сценарио и режија на Дарко Лунгулов. На 22 ноември „Синедејс“ ќе биде затворен со целовечерен концерт на филмска музика во изведба на оркестарот на Македонска филхармонија.