Вдовицата на Навални најави дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг за „слободна Русија“

Таа вели дека тимот на Навални знае „точно зошто Путин го уби Алексеј пред три дена“ и вети дека наскоро ќе ги објави деталите

фото: Принтскрин од видео / Алексей Навальный на Јутјуб

Јулија Навалнаја, вдовицата на Алексеј Навални, во видео објавено денеска рече дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот покоен сопруг, обвинувајќи го рускиот претседател Владимир Путин дека го убил.

„Требаше да има друга личност на моето место, но таа личност беше убиена од Владимир Путин“, вели Навалнаја.

Нејзиното драматично обраќање започнува со зборот „Здраво“, на ист начин како што Алексеј Навални ги започнуваше своите видеа. Таа зборува цврсто, гледајќи директно во камерата, иако нејзиниот глас се крши во тага и болка додека зборува.

Јулија Навалнаја вели дека е бесна, обвинувајќи го Путин за убиство на надежта на Русија, нејзината слобода и иднина.

„Путин не го уби само човекот Алексеј Навални, тој сакаше да ја убие нашата надеж, нашата слобода, нашата иднина. Денес сакам да бидам со вас бидејќи знам дека вие не изгубивте помалку отколку што изгубив јас“, вели Навалнаја во обраќањето.

Таа вели дека тимот на Навални знае „точно зошто Путин го уби Алексеј пред три дена“ и вети дека наскоро ќе ги објави деталите.

„Немам право да се откажам. Ќе ја продолжам работата на Алексеј Навални. Ќе продолжам да се борам за нашата земја и ве повикувам да застанете до мене“, вели Навалнаја.

Своето видео, Јулија Навалнаја го завршува со зборовите на нејзиниот сопруг: „Не се плашам и ве охрабрувам да не се плашите и вие од ништо“.

„Мора да ја искористиме секоја можност: борба против војната, против корупцијата, против неправдата. Борба за фер избори и слобода на изразување, борба за да си ја вратиме државата. Русија – слободна, мирна, среќна, убава Русија на иднината, за која сонуваше мојот сопруг – тоа е она што ни треба“, вели Навалнаја.

Кремљ негираше вмешаност во смртта на Алексеј Навални, но западните лидери рекоа дека ја сметаат Москва за одговорна.

Навални почина во затвор во петокот во 14 часот и 17 минути, изјави неговиот официјален портпарол Кира Јармиш, цитирајќи ја пораката од мајката на Навални и оспорувајќи го официјалното објаснување на Русија дека Навални починал откако изгубил свест по прошетка во казнената колонија на Арктикот каде што беше затворен.