Вчера МВР издало потврди на повеќе од 3.000 мигранти

Во последните 24 часа, потврди за искажана намера за барање азил, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало на вкупно 3.184 мигранти, кои влегле на територијата на Македонија од Грција.

Како што информираат од МВР, најголем дел од мигрантите, односно 1.744, се сириски државјани, 909 се од Авганистан, 322 од Ирак и 95 се државјани на Иран.

Од 19 јуни, кога беа донесени измените на Законот за азил и привремена заштита, со кои на мигрантите им се овозможува 72-часовен легален престој на територијата на Македонија, до денеска, потврди, според МВР, им се издадени на речиси 150.000 мигранти.

Вчера до одделението за азил не било поднесено ниту едно барање за признавање на правото на азил, а во изминатите четири месеци да останат во земјава побарале вкупно 70 мигранти.