УСАИД и ЕУКОМ го помогнаа реновирањето на ОУ „Братство и единство“ во Охрид

Денеска, со пригодна свеченост, беа ставени во употреба реновираните простории на ОУ „Братство и единство“, дел од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, а со финансиска поддршка на Европската команда на американската војска.

– Вашето училиште имплементира многу активности што интегрираат ученици од сите етнички заедници. Тие имаат можност заеднички да учат за демократско учество, да бидат дел од мултикултурните работилници, разни секции. Тука во Охрид сите ние работевме заедно на реновирањето на училиштето. Американскиот народ преку Европската команда на американската војска обезбеди околу 26.500 долари, а училиштето и општината придонесоа со 3.400 долари. Заедно ги искористивме овие средства за поставување нови прозорци и подови во училишните згради – рече Дејвид Кокс, од канцеларијата на Американското аташе за одбрана.

Канцеларијата за одбранбена соработка во Амбасадата на САД во Скопје, во соработка со проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, помага во реновирањето на 35 училишта во Македонија од 2012 година, а предвидено е реновирање на уште најмалку десет училишта во 2015 година.

За добивките од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието говореше и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, нагласувајќи дека тие се особено значајни за соживотот меѓу учениците и наставниците во училиштето, бидејќи со нив се овозможува надминување на предрасудите и на стереотипите кои постојат.

– Општина Охрид финансиски и логистички го поддржа проектот на УСАИД и на ЕУКОМ за реновирање на објектите при ОУ „Братство и единство“, преку јавните претпријатија – нагласи Бакрачески.

ОУ „Братство и единство“ е едно од шесте модел-училишта во Македонија со тим за интеграција обучен за концептите на меѓуетничка интеграција во образованието и работи со користење на трите наставни јазика: албански, македонски и турски.