Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола добива Студентски парк

фото: Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола / Фејсбук

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола ќе добие Студентски парк. Реализацијата на идејата на студентите започна денеска, информираа од Универзитетот.

Од таму велат дека просторот пред Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) ќе се облагороди со нови рекреативни и креативни содржини.

„Идејата од студентите на УКЛО која беше силно поддржана од Ректорската управа ја потврди и Општина Битола. Двете установи договорија заедничко финансирање во студентскиот парк со што покрај општествената одговорност реално ја потврдуваат и меѓусебната соработка и доверба“, велат од УКЛО на Фејсбук.

Реализацијата на идејата за студентски парк започнува со хортикултурно уредување на просторот што ќе им биде од корист на сите граѓани, што, пак, беше една од заложбите на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКЛО.

„За тоа како дојдовме на идеја што да биде овој простор и што да бараме од Ректорската управа, беше одлучено на форум на идеи на студентите, по пат на селекција на идеи и предлози од страна на Собранието, па дојдовме до идеја дека студентите имаат потреба од простор за креативно делување, дружење и вмрежување“, вели Симона Наумовска, претседателка на УСС УКЛО.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски вели дека за содржините во паркот ќе одлучуваат самите студенти:

„Идејата на студентите веќе започнуваме да ја реализираме, како што се вели, стануваме од фотељите и излегуваме на терен. Се надевам дека ова ќе биде уреден простор по сите стандарди, каде студентите ќе уживаат и ќе работат, а содржините кои ќе бидат тука поставени самите ќе ги предложат и ќе ги одржуваат.“

Изградбата на Студентскиот парк во Битола е предвидено да заврши за три месеци.