Украина бара дозвола за користење на западно оружје за цели во Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека е време членките да ги преиспитаат западните ограничувањата околу снабдувањето на оружја, бидејќи истите ја ограничуваат способноста на Кијив да се брани

Фото: Daniel Naupold/dpa

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО ќе се состанат во четврток во Прага поради зголемените повици до водечките сојузници да ги укинат рестрикциите што го спречуваат Кијив да користи западно оружје за напади во Русија, пишува Гардијан.

Темата на дводневниот собир во Прага ќе биде формирањето на договори околу снабдување на Украина со дополнителни средства, кои ќе се финализираат на самитот на НАТО во Вашингтон во јули.

Кијив ги притиска своите поддржувачи – особено САД – да ѝ дозволат да користат оружја со подолг дострел за воени цели во Русија.

САД и Германија досега одбиваа да дозволат Украина да изведе напад во Русија, од страв дека тоа би можело да ја доведе поблиску до директен конфликт со Москва.

Состанокот на НАТО треба да започне вечерва, а генералниот секретар на безбедносната организација Јенс Столтенберг рече дека е време членките да ги преиспитаат ограничувањата околу снабдувањето на оружја, бидејќи истите ја ограничуваат способноста на Кијив да се брани.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека на Украина треба да ѝ се дозволи да ги „неутрализира“ базите во Русија што се користат за напади.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно предупреди дека ќе има „сериозни последици“ доколку западните земји ѝ дадат одобрение на Украина директно да ја напаѓа Русија.

Во текот на ноќта, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги критикуваше САД за помошта на Украина, велејќи дека Вашингтон стана „соучесник во злосторствата на режимот во Кијив“.